“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

понедељак, 23. децембар 2013.

Дедо Мраз



Историските податоци говорат дека Свети Никола бил епископ на покраини на византиска Анадолија, прочуен по несебичноста кон сиромашните и децата. Приказната што го поистоветува Свети Никола со Дедо Мраз пак, раскажува за три ќерки на некој богат и почитуван трговец, кој осиромашил. Така сиромашен тој не можел да омажи ниту една од ќерките затоа што немал да им даде мираз и наумил да ги продаде и да ги направи проститутки.
Свети Никола одлучил да помогне, па така кога сите спиеле, тој скришно им оставил вреќа со пари во домот. Утрото сиромашниот трговец ја нашол вреќата и видел дека во неа има доволно пари за да може да ја омажи својата најстара ќерка и на тој начин да ја спаси од срамна продажба.
Истото се случило и следната ноќ и трговецот имал пари и за да ја омажи најмалата ќерка, па решил наредната ноќ да не спие за да види кој е тајниот добротвор. Среде ноќ се појавил Свети Никола.
Приказната има два краја. Според една верзија, Свети Никола ја оставил вреќата со пари, но трговецот го видел и излегол пред него. Свети Никола замолил неговата тајна да не биде откриена на сите, но сепак подоцна трговецот ја раширил приказната за добрите дела на Свети Никола меѓу народот.
Според другата верзија, приближувајќи се кон куќата на трговецот, Свети Никола сфатил дека трговецот го чека, па затоа последната вреќа со пари ја спуштил низ оџакот а таа паднала врз чорапите кои се сушеле крај каминот. Од оваа приказна произлегол обичајот пред празник да се закачуваат чорапи крај камин, за наутро во нив да има подароци.
Во Холандија и Белгија пак Свети Никола (Синтеркалс) има помошници кои се викаат Црн Петко, односно Црни Петковци, кои му помагаат на Синтерклас - се качуваат по покриви и ги спуштаат подароците низ оџакот. Нивните лица се црни од димот, по што и го добиле името. Празникот Синтерклас, кој се слави на 6-ти декември, ја проширил традицијата за делење подароци меѓу останатите народи.
Во текот на протестантската реформација во 16-от и 17-от век, многу протестанти Синтерклас го замениле со детето Христ (Христкиндл) а датумот за делење поклони го преместиле од 6-ти декември на Бадник.
Појавата на ликот на Дедо Мраз во некои студии се поврзува и со Один, бог кај старите Германи.
Во исландската книга од 13-от век се опишува како Один јава коњ со осум нозе по име Слеипнир, кој може да прескокне големи процепи, што со време поттикнало споредби со ирвасите на Дедо Мраз. Один бил опишуван со најразлични епитети, како на пример “долгобрад.“
Според историчарката Филис Сикер, децата крај оџаците ги оставале своите чизми наполнети со моркови, слама и шеќер за Слеипнир а Один за возврат им оставал подароци и слатки. Историчарката тврди дека овој обичај си нашол место во Германија, Белгија И Холандија. Во домовите во овие држави и денес децата оставаат чорапи крај оџаците.
Пред британското освојување во 17-от век, низ холандската колонија Нов Амстердам (денешен Њујорк) овој обичај се пренесува и во САД.
Крампус пак е негативна парафраза за Свети Никола, со потекло од пред христијанските традиции на жителите на алпските области. Под подоцнежно влијание на христијанството и масовното покрстување, Крампус бил претставуван како нераздвоен придружник на Свети Никола, меѓутоа како демон кој ги плаши децата кои не биле умни и ги предупредува да почнат да ги слушаат родителите. Во алпските области во текот на првите две недели од декември, младите традиционално се облекуваат во костими како Крампус и по улиците ги плашат децата со за`рѓани синџири и ѕвонци.
Во словенската митологија, Дедо Мраз најпрво бил волшебник кој сакал да ги замрзнува луѓето. Бил придружник на богот на ветрот и на богот на зимата кој владеел со мразевите. Заедничките особини и физичките карактеристики потоа биле соединети во ликот на Дедо Мраз.
Кога Словените почнале да веруваат во Дедо Мраз, тој бил прикажан како злобен старец кој грабнува деца и ги носи во својата голема вреќа. За да ги врати децата, несреќните родители морале со подароци да се обидат да ги откупат своите деца. Благодарение на влијанието на христијанството, ликот на злобниот Дедо Мраз трпи трансформации и тој станува љубезно и добродушно старче.
Во 19-от век почнала вистинската експанзија на детската литература за Дедо Мраз. До крајот на 19-от век белобрадото старче е преобликувано во митско суштество кое дели подароци за Нова година и станува најпопуларен меѓу измислените ликови.
Ликот кој на Британците и Американците им е познат како Санта Клаус, всушност претставува спој на дамнешната претстава за луѓето од црковната историја и фолклорот кои делеле подароци, меѓу кои се вбројува и Свети Никола, и британската мистична личност Отецот Божиќ. Во Британија Отец Божиќ потекнува од доцниот 17-ти век а некои од ретките слики од тој период го претставуваат како весел, дебеличок човек со брада, кој е облечен во долга зелена облека, обложена со крзно.

петак, 08. новембар 2013.

Свети великомаченик Димитриј

Свети великомаченик Димитриј

Свети великомаченик Димитриј (Митровден) 
      Празник на заштитникот на градот Солун и на македонскиот народ.

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Именден празнуваат: Димитриј, Митре, Мите, Димитра, Митра и др.

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари и тн., но и селски старешини одборници, коџобаџии и тн. договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, се чекаат гости, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Мит’р“ среде Пирин. Тамо имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во селото Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на Свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај, до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така цел ден се одело на лов касимавна-митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен“. На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало“.

Светиот великомаченик Димитриј живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.

По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на анѓелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.

Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј, кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.

Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој неможејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа“. Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на свети Димитриј Солунски. Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.

На иконата Свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитрија.

За време на животот Димитрија бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитриј Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата Свети Димитриј во Солун од крајот на петтиот век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле на заштитник на Сибир откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година.

Светата христијанска црква го празнува и споменот на светиот маченик Нестор, кој со благослов на Свети Димитрија го убил гладијаторот Лиј. Тоа е денот по празникот на Св. Димитриј, 9 ноември според новиот календар (или 27 октомври според стариот календар).

Во некои краишта на Македонија, во народното верување овој ден се смета за празник на глувците. Во Кумановско, на пр. се вика „глушчов д’н“ и тогаш не се работи за да не го јадат глувци житото и брашното. Според верувањето тогаш и не се буричка во брашното и не се дава заем за да не го разнесуваат глувците. Истото верување во минатото е забележано и во Битола. Но на овој ден се саделе овошки и лози зашто се верувало дека сигурно ќе се фатат. „Какво (дрво) да се насади на тој д’н, ќе се фане и ница“ се вели во Кумановско. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ Св. Нестор се сметал за лесен празник. Се верувало дека тој бил помлад брат на свети Димитриј и бидејќи бил посиромав не успеал да се прослави како него поради што и помалку се празнува. За свој покровител го имале мајсторите (ѕидарите).

(превземено од Марко Китевски)

недеља, 27. октобар 2013.

Преподобна мајка и чудотворка Параскева


Во народот позната како света Петка. 
Била од словенско потекло, од градот Епиват, меѓу Салинаврија и Цариград. Родителите и биле имотни и побожни христијани. Таа живела со нив до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, а оттаму во Јорданската пустина, во денешен Израел, каде се подвизувала во пост и молитва до својата старост. Во староста се вратила во Епиват, каде проживеала уште две години. Се успокоила во Господа во единаесеттиот век. Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во Романија, во градот Јаши.

Преподобна мајка и чудотворка Параскева

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.
Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка...
Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што кај народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува на 27/14 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, бил ден за подготовки за празникот. Во претхристијанскиот период кај Евреите саботата бил празник, а не неделата. Оттука, Параскева значи подготовка.
Првата света Петка е преподобната маченица Параскева Римјанка. Се празнува на 26 јули/8 август и меѓу народот е позната како летна Света Петка. Во нејзиното житие се вели дека нејзините родители биле Римјани и дека и дека таа како единствена ќерка им се родила по долги и искрени молитви кон Бога. Рано се замонашила а подоцна како и многумина други настрадала за верата Христова за време на царувањето на Антонин. На нејзиното мачење присуствувал и самиот император, но кога била фрлена во котел со врело масло и катран таа останалаа неповредена, а од течноста му прснало во очите на императорот по што ослепел. Параскева се помолила на Бога и тој оздравел. Гледајќи ги нејзините страдања, но и чудата што се случувале со нејзино посредство, многумина ја примиле христијанската вера. Поради тоа била исечена со меч, а подоцна моштите и биле пренесени во Цариград. На иконите света Петка Римјанка во рацете држи чинија во која има очи.
Втората е светата маченица Параскева од Иконија, Мала Азија, којашто маченички загинала за време на Диоклецијан. И таа била единствено дете на своите родители поради што со големо внимание и љубов била воспитувана во христијанската вера. Параскева била уште малечка кога починале нејзините родители, а таа нивниот имот го користела за помагање на сиромашните, болните, странците и сл. При големите прогони на христијаните што се случиле во времето на Диоклецијан настрадала и таа. Била фатена во 303 година и била предадена на судијата. Тој пак, изненаден од нејзината убавина, и понудил да стане негова невеста и - ветувал богат и раскошен живот. Таа го одбила сето тоа изјавувајќи дека сака да остане верна на својот Бог, Исус Христос. Поради тоа била мачена, била ставена во оган но останала недопрена од пламените јазици кои ги зафатиле оние што го потсилувале огнот. Гледајќи го тоа судијата наредил да и ја пресечат главата. Следниот ден и судијата загинал што било толкувано како Божја казна за погубувањето на Параскева. Нејзините останки христијаните ги погребале во нејзиниот дом, а над гробот подоцна се случувале разни чуда, пред сè, оздравување на болни од секакви болести. Нејзиниот спомен се слави на 10 ноември/28 октомври.
Најпозната е Параскева-Петка позната како Св. Петка Епиватска или Трновска. Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват, во Тракија, меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите и биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимие кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години покажувала интерес за монашкиот живот.
Кога и умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот, и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми па и како ѕвер ја напаѓал, но таа не се поколебала.
Кога остарела ангелот Божји и соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата, а со душата да преминеш кај Господа“. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, ја погребале не на селските гробишта, туку одделно како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набргу почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина, така што тука не се минувало. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат мртвото тело за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и за нивно изненадување нашле тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание, зашто како што си мислеле, ако било на некоја светица Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената света Петка го закопале, а врз него и телото на патникот, што го исфрлило морето.
Ноќта на еден од тие луѓе по име Ѓорѓија, му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Ѓорѓија тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот. „Георгие, зошто го презревте телото на преподобната Праскева и заедно со неа го сохранивте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место, зашто Бог сакаше да ја прослави на земјата рабата своја“. Тогаш и светицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена и мојата родбина е Епиват, каде сега и вие живеете“. Таа ноќ истото и се сонило и на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват.
Подоцна телото на преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго. Најпрвин бугарскиот цар Јован Асен во 1238 година измолил телото на Преподобна Параскева Петка да биде пренесено во Трново. Тука телото останало подолго време поради што таа се вика и Трновска. Но кога Турците го зазеле Трново моштите на света Петка биле пренесени во Влашко, а кога и Влашко паднало под турска власт, во 1396 година кнегињата Милица го измолила султанот да и дозволи да ги пренесе во Србија. Тогаш биле погребани во Белград. Но кога и Белград го освоиле Турците во 1521 година светите мошти биле однесени во Цариград, каде што се прославиле не само меѓу христијаните туку и меѓу муслиманите. Но и тука во патријаршиската црква каде што биле погребани не останале засекогаш. Во 1641 година молдавскиот војвода Василија Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на света Петка и ги пренесол во црквата „Три светци“ во светиот град Јаш каде што почиваат и денес.
Во спомен на Преподобната Параскева Петка Трновска, Светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27/14 октомври и што во народот е познат како Петковден. Во народот Петковден се смета за почеток на зимските празници што следуваат и што се проследени со домашни служби како што се Митровден, Св. Ѓорѓија, Аранѓел, Св. Никола и др.
Народот во некои случаи не ги разликува трите Параскеви - Петки туку најчесто ги идентификува со една Петка најчесто со света Петка Трновска но ликот на овие светици го почитува и празнува достоинствено со домашни служби и со големи собири и панаѓури,
Во Гевгелиско денот на Света Петка не се сметал за голем празник освен во с. Прдејци каде што имало селска служба и каде што се собирал мноштво народ од соседните села. Овде Света Петка се сметала за сестра на Света Недела. Во Радовиш овој празник бил ден на овчарите. Тогаш за овчарите се правел добар ручек, им се исплатувало тоа што не им било доисплатено во текот на момокувањето и се пазареле за наредниот период. Е. Спространов пишува дека се правело разлика меѓу Петковден и Света Петка од 26 јули според стариот односно на 8 август по новиот календар.
Особено култот кон Света Петка бил раширен во Мариово, како што стои во записите на Крсто Бинев. Во овој крај петокот се празнува повеќе од неделата онака како што Евреите ја празнувале саботата. Тоа празнување, вели запишувачот, не е во чест на воспеаната од светата ни црква светица Петка која се празнува еднаш во годината, имено на 14 октомври, која селаните ја разликуваат од нивната св. Петка, ами по некој стар обичај останат којзнае од кога и којзнае зашто. Населението за света Петка верува дека е заштитничка на луѓето, нивни застапник пред Бога, ги чува од суша, помор, неплодност, грмење и воопшто од многу зла и напасти. Како празник света Петка повеќе го празнуваат жените. Во Мариово на овој ден мажите можеле да берат дрва, да копаат, да прават рало, само не смееле да ораат. Жените уште од вечерта спроти петокот не работеле никаква работа дури до петокот навечер, како што тоа го правеле Евреите во саботата. Неделата не ја празнувале толку колку петокот ‒ вели запишувачот на овие верувања.
Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.