“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

среда, 1. мај 2013.

Велигденско јајце


Што симболизира велигденското јајце? 
Јајцето отсекогаш се сметало за симбол на повторното раѓање и се поврзувало со оживувањето на природата. Во многу култури јајцето се сврзува и со плодноста, а во минатото постоеле верувања дека целиот универзум е создаден од едно џиновско јајце. Се смета дека ова сфаќање произлегува од латинската поговорка „Omne vivum ex ovo“ што во превод значи „Целиот живот потекнува од јајце“. Во христијанството велигденското јајце го симболизира Христовото Воскресение. Тврдата лушпа на јајцето го претставува гробот на Исус, а кршењето на јајцата го симболизира воскреснувањето од мртвите. Затоа, кога некому подаруваме велигденско јајце, ние го поздравуваме со зборовите „Христос воскресна“. За Велигден традиционално јајцата се бојадисуваат и декорираат. Во западните култури бојадисувањето на јајцата постепено започнува да се заменува со купување на чоколадни јајца и пластични јајца полни со бонбони, но кај нас традицијата на вапсување силно се негува. 
Кога се бојадисуваат велигденските јајца? 
Велигденските јајца се бојадисуваат и декорираат на Велики четврток. Првото јајце се бојадисува пред изгревот на сонцето, затоа што се верува дека нема да се расипе и дека ќе трае цела година доколку не го види сонцето. Домаќинките рано наутро вапсуваат три јајца во црвена боја. Со првото јајце за здравје се исцртува крст по лицето на децата во куќата со зборовите „Црвено, бело, дебело“ или „Црвено, бело, здраво и живо“. Тоа јајце се смета дека има заштитна моќ и се чува на посебно место во куќата до следниот Велигден. Бројот на бојадисани јајца зависи од бројот на членовите на семејството, но јајца се бојадисуваат и за секој гостин кој ќе го пречекори куќниот праг. 
Зошто првото јајце треба да биде црвено? 
Црвената боја ја симболизира пролеаната крв на Исус за спасение на луѓето на земјата, а воедно претставува и победа, здравје, оптимизам и љубов. Постојат многу легенди кои објаснуваат кое е значењето на црвеното јајце и зошто токму тоа има најголема моќ. Според една од нив, кога Марија Магдалена го видела Исус по неговото воскреснување, таа со себе носела кошница со јајца за да им раздаде на другите жени. Во моментот кога го здогледала, тие се обоиле во совршена црвена боја.

Нема коментара:

Постави коментар