“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

понедељак, 23. децембар 2013.

Дедо Мраз



Историските податоци говорат дека Свети Никола бил епископ на покраини на византиска Анадолија, прочуен по несебичноста кон сиромашните и децата. Приказната што го поистоветува Свети Никола со Дедо Мраз пак, раскажува за три ќерки на некој богат и почитуван трговец, кој осиромашил. Така сиромашен тој не можел да омажи ниту една од ќерките затоа што немал да им даде мираз и наумил да ги продаде и да ги направи проститутки.
Свети Никола одлучил да помогне, па така кога сите спиеле, тој скришно им оставил вреќа со пари во домот. Утрото сиромашниот трговец ја нашол вреќата и видел дека во неа има доволно пари за да може да ја омажи својата најстара ќерка и на тој начин да ја спаси од срамна продажба.
Истото се случило и следната ноќ и трговецот имал пари и за да ја омажи најмалата ќерка, па решил наредната ноќ да не спие за да види кој е тајниот добротвор. Среде ноќ се појавил Свети Никола.
Приказната има два краја. Според една верзија, Свети Никола ја оставил вреќата со пари, но трговецот го видел и излегол пред него. Свети Никола замолил неговата тајна да не биде откриена на сите, но сепак подоцна трговецот ја раширил приказната за добрите дела на Свети Никола меѓу народот.
Според другата верзија, приближувајќи се кон куќата на трговецот, Свети Никола сфатил дека трговецот го чека, па затоа последната вреќа со пари ја спуштил низ оџакот а таа паднала врз чорапите кои се сушеле крај каминот. Од оваа приказна произлегол обичајот пред празник да се закачуваат чорапи крај камин, за наутро во нив да има подароци.
Во Холандија и Белгија пак Свети Никола (Синтеркалс) има помошници кои се викаат Црн Петко, односно Црни Петковци, кои му помагаат на Синтерклас - се качуваат по покриви и ги спуштаат подароците низ оџакот. Нивните лица се црни од димот, по што и го добиле името. Празникот Синтерклас, кој се слави на 6-ти декември, ја проширил традицијата за делење подароци меѓу останатите народи.
Во текот на протестантската реформација во 16-от и 17-от век, многу протестанти Синтерклас го замениле со детето Христ (Христкиндл) а датумот за делење поклони го преместиле од 6-ти декември на Бадник.
Појавата на ликот на Дедо Мраз во некои студии се поврзува и со Один, бог кај старите Германи.
Во исландската книга од 13-от век се опишува како Один јава коњ со осум нозе по име Слеипнир, кој може да прескокне големи процепи, што со време поттикнало споредби со ирвасите на Дедо Мраз. Один бил опишуван со најразлични епитети, како на пример “долгобрад.“
Според историчарката Филис Сикер, децата крај оџаците ги оставале своите чизми наполнети со моркови, слама и шеќер за Слеипнир а Один за возврат им оставал подароци и слатки. Историчарката тврди дека овој обичај си нашол место во Германија, Белгија И Холандија. Во домовите во овие држави и денес децата оставаат чорапи крај оџаците.
Пред британското освојување во 17-от век, низ холандската колонија Нов Амстердам (денешен Њујорк) овој обичај се пренесува и во САД.
Крампус пак е негативна парафраза за Свети Никола, со потекло од пред христијанските традиции на жителите на алпските области. Под подоцнежно влијание на христијанството и масовното покрстување, Крампус бил претставуван како нераздвоен придружник на Свети Никола, меѓутоа како демон кој ги плаши децата кои не биле умни и ги предупредува да почнат да ги слушаат родителите. Во алпските области во текот на првите две недели од декември, младите традиционално се облекуваат во костими како Крампус и по улиците ги плашат децата со за`рѓани синџири и ѕвонци.
Во словенската митологија, Дедо Мраз најпрво бил волшебник кој сакал да ги замрзнува луѓето. Бил придружник на богот на ветрот и на богот на зимата кој владеел со мразевите. Заедничките особини и физичките карактеристики потоа биле соединети во ликот на Дедо Мраз.
Кога Словените почнале да веруваат во Дедо Мраз, тој бил прикажан како злобен старец кој грабнува деца и ги носи во својата голема вреќа. За да ги врати децата, несреќните родители морале со подароци да се обидат да ги откупат своите деца. Благодарение на влијанието на христијанството, ликот на злобниот Дедо Мраз трпи трансформации и тој станува љубезно и добродушно старче.
Во 19-от век почнала вистинската експанзија на детската литература за Дедо Мраз. До крајот на 19-от век белобрадото старче е преобликувано во митско суштество кое дели подароци за Нова година и станува најпопуларен меѓу измислените ликови.
Ликот кој на Британците и Американците им е познат како Санта Клаус, всушност претставува спој на дамнешната претстава за луѓето од црковната историја и фолклорот кои делеле подароци, меѓу кои се вбројува и Свети Никола, и британската мистична личност Отецот Божиќ. Во Британија Отец Божиќ потекнува од доцниот 17-ти век а некои од ретките слики од тој период го претставуваат како весел, дебеличок човек со брада, кој е облечен во долга зелена облека, обложена со крзно.