“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

петак, 25. април 2014.

Работилница за правата од интелектуална сопственост



Интелектуална сопственост е термин кој што вклучува повеќе различни типови на умствена активност за кои што се признаваат посебни права и за кои што постојат посебни различни законски рамки. Иако овие права не се права на сопственост, сепак зборот сопственост се користи поради некои сличности. Сопствениците во оваа смисла добиваат ексклузивни права на различни нематеријални добра како што се музиката, литературата, пронајдоците и др. Законите во Р. Македонија од оваа област ги вклучуваат законот за индустриска сопственост, законот за авторско право и сродните права, а во други јурисдикции постојат и други закони.

Креациите на човечкиот ум, односно интелект, се објект (предмет) на заштита на интелектуална сопственост. Интелектуалната сопственост, гледано најсеопфатно, ги претставува правата кои произлегуваат од интелектуалните активности во индустријата, науката, литературата и уметноста. Истовремено, може да се каже дека интелектуалната сопственост се однесува на информација или на делови од информација кои се инкорпорираат во одредени предмети, во исто време во неограничен број копии на разни места во светот.

Во расветлувањето на проблематиката на интелектуална сопственост потребно е да се објасни поимот на сопственоста. Теоретичарите сметаат дека најважната особина на сопственоста се состои во тоа што сопственикот во основа може да ја употребува, односно да ја искористува сопственоста, неограничено во согласност со својата волја и потреби и дека никој не може злонамерно да ја употребува неговата/нејзината сопственост. Се разбира, постојат законски ограничувања на употребата, односно искористувањето на правото на сопственост.

Најопшто, сопственоста би можела да се категоризира во три групи сопственост, притоа земајќи го предвид обектот на сопственоста:

·                     сопственост врз подвижни ствари,

·                     сопственост врз недвижни ствари и

·                     интелектуална сопственост.

Конвенцијата за основање на Светската организација за интелектуална сопственост од 14 јули 1967 година, утврдува дека интелектуалната сопственост ги опфаќа правата што се однесуваат на: литературните, уметничките и научните дела; изведбите на уметниците-изведувачи, фонограмите и радио-телевизиските станици; пронајдоците од сите полиња на човековата активност; научните откритија; индустриски дизајн; трговски и услужни марки, комерцијални имиња и ознаки; заштита против нелојална конкуренција, како и сите други права поврзани со интелектуалната сопственост во индустриската, научната, книжевната и уметничката област.

Интелектуалната сопственост, вообичаено, се дели на две големи групи, и тоа:

1.           Индустриска сопственост

2.           Авторско право и сродни (соседски) права

Терминот авторско право потекнува од латинскиот збор auctor, што во класичниот латински јазик значел создавач, множител, творец, основач, втемелувач, зачетник и др. Авторското право се однесува на уметничките креации, односно на делата кои, по правило, се оригинални интелектуални креации во литературата, науката и уметноста. Всушност, сите национални закони за авторско право обезбедуваат заштита на: литературни творби; музички творби; уметнички творби; карти и технички цртежи; фотографски дела; кинематографски дела и компјутерски програми. Како, сродни права се сметаат правата на уметниците-изведувачи над своите изведби и правата на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на РТВ организациитеи на издавачите на нивните фонограми, видеограми, сценски дела, емисии или изданија и сл.

Поимот „авторско право“ има повеќе значења: авторско право во објективна смисла; авторско право во субјективна смисла; како правна наука и како правна практика. Во објективна смисла авторксото право може да се дефинира како збир на правни правила коишто ги нормираат општествените односи во поглед на интелектуалните творби во областа на книжевноста, науката и уметноста. Авторското право во субјективна смисла може да се дефинира како право на авторот (творецот) на конкретно авторско дело во областа на науката, книжевноста и уметноста, во однос на неговата творба призната со објективното право.

Видови на авторски дела

Тргнувајќи од категоризацијата на авторски дела од член 2 став 1 од Бернската конвенција, македонскиот законодавец во член 3 став 2 од ЗАПСП направил соодветна категоризација на авторските дела. ЗАПСП како авторски дела ги смета особено:

·                     пишано дело, како книжевно дело, напис, статија, прирачник, брошура, научен труд, расправа и слично;

·                     компјутерска програма, како книжевно дело;

·                     говорно дело, како говор, беседа, предавање и слично;

·                     музичко дело, со или без текст;

·                     драмско, драмско-музичко и куклено дело;

·                     кореографско и пантомимичарско дело, фиксирано на материјална подлога;

·                     форографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската;

·                     кинематографско и друго аудиовизуелно дело;

·                     ликовно дело, како слика, графика, скулптура и слично;

·                     архитектонско дело;

·                     дело од применетата уметност и дизајнот и

·                     картографско дело, план, скица, технички цртеж, проект, табела, пластично дело и друго дело со ист или сличен карактер од областа на географијата, топографијата, архитектурата или друга научна, образовна, техничка или уметничка природа.

Истовремено како самостојно авторско дело заштитени се и преработките на авторските дела и на делата од народното творештво, збирките на авторски дела и дела од народното творештво и базите на податоци.

Сродните права на авторското право се појавиле на крајот од 19-от век, како резултат на новите пронајдоци (фонограф, грамофон, кинематографски апарат). Овој тренд продолжи и кон крајот на 20-от век, како резултат на развојот на дигиталната технологија и Интернет. Тие влијаат на појавата и признавањето на нови права кои се сродни на правото на авторот (правото на уметниците-изведувачи, правото на производителите на фонограми и правото на РТВ организациите). Секое од наведените сродни права има свој посебен предмет на заштита кој е сврзан, главно, со авторското дело. Сродните права се разликуваат од авторското право особено во поглед на носителот, предметот и траењето на правото.