“Секој во себе слободен човек ќе цени едно учење по она што тоа го носи, а не по тоа кој го носи. За секого кој испитува, ова второто гледиште претставува доказ на сиромаштво. Златото е злато и во раката на кнезот и во раката на питачот.” К.К.

четвртак, 10. јул 2014.

Роберт Хук

Роберт Хук (англиски: Robert Hooke; 18 јули 16353 март 1703) бил англиски физичар и секретар на Кралското друштво во Лондон, кој го усовршил барометарот, телескопот и микроскопот и прв ја открил клеточната структура на растенијата. Роберт Хук исто докажал ротирањето на Земјата и гравитацијата на небеските тела, а исто така го открил и законот на истегнувањето на еластичните тела (Хуков закон).


РОБЕРТ ХУК, човекот кого современиците го нарекувале „најголемиот пронаоѓач што некогаш живеел“, сега се слави како англиски Леонардо да Винчи.  Хук е роден во 1635 година. Во 1662 година бил поставен за надгледник на експериментите на Британското кралско друштво во Лондон, а во 1677 година станал негов секретар. Умрел во 1703 година. И покрај угледот што го стекнал како научник, тој бил погребан во непознат гроб некаде во северниот дел на Лондон.
Хук бил учен човек и брилијантен изумител. Тој го дизајнирал карданскиот зглоб, кој денес се користи во моторните возила; дијафрагмата, со која се регулира големината на отворот за светлина во фотоапаратите; и балансирачката пружина, т.е. немирницата кај часовниците. Го формулирал и Хуковиот закон, равенка која се користи до ден-денес за да се објасни еластичноста на пружините. Хук изумил и пумпа за воздух за познатиот британски физичар и хемичар, Роберт Бојл. Едно од најголемите достигнувања на Хук било дизајнирањето на сложениот микроскоп составен од две различни леќи, кој подоцна го конструирал Кристофер Кок, познат изработувач на инструменти од Лондон. Вршејќи набљудувања со овој инструмент, Хук бил првиот што забележал дека во плутата има многу мали шуплини, слични на шуплините во саќето на пчелите. Тој ги нарекол „клетки“, што значи „мали ќелии“, или „шуплинки“. Овој назив подоцна почнал да се користи за основните градбени единици на сите живи суштества.
Хук се прославил доста рано во својот живот, со издавањето на својата книга Micrographia (Мали цртежи) во 1665 година. Оваа книга содржи прецизни, прекрасни цртежи на инсекти што ги цртал самиот Хук, а ги видел под својот микроскоп. Најпознат е цртежот на една болва. На гравурата со големина 30 на 45 сантиметри можат да се видат клештичињата, пипките и оклопот на болвата. Богатите читатели од тоа време биле шокирани кога дознале дека такви животинчиња живеат на луѓето. Се вели дека дамите се онесвестувале кога ќе го виделе цртежот!
Правејќи споредба помеѓу врвчето на една мала игла изработена од човек, која ја гледал под микроскоп, и она што постои во природата, Хук напишал: „Со микроскопот можеме да видиме стотици примери на врвови што се илјадници пати поостри“ од врвот на иглата. Тој ги спомнал влакната, пипките и клештичињата кај инсектите, како и трњата, кукачките и влакненцата на ливчињата. Хук бил уверен дека овие „дела на природата“ сведочат за семоќноста на нивниот Создател. Encyclopædia Britannica вели: „За првпат, микроскопот ни откри, еден свет од кој гледаме дека живите организми се скоро неверојатно сложени“.
Хук бил првиот што набљудувал фосили под микроскоп и така дошол до заклучок дека тие се остатоци или траги од организми кои одамна изумреле. Книгата Micrographia содржи уште многу други фасцинантни научни забелешки. Всушност, современикот на Хук, Семјуел Пепис, познат по својот дневник, за Micrographia рекол: „Тоа е најгенијалната книга што некогаш сум ја прочитал“. Ален Чепмен, кој се занимава со историјата на науката при универзитетот Оксфорд, го опишал ова дело како „една од книгите што претставуваат камен-темелник на современиот свет“.
По Големиот пожар што го зафатил Лондон во 1666 година, Хук бил назначен како проектант. Тој тесно соработувал на реновирањето на градот со својот пријател Кристофер Рен, исто така научник и негов колега, кој бил и проектант на кралот. Меѓу многуте други градби, Хук го проектирал и Споменикот на пожарот во Лондон — столб висок 62 метри — во знак на сеќавање на пожарот. Тој имал намера на овој споменик — највисокиот камен столб во светот што не се потпира на ништо — да ги докаже своите теории за гравитацијата.
Иако Кралската опсерваторија Гринвич му се припишува на Рен, Хук имал голема улога во нејзиното проектирање. Монтегју Хаус, каде што бил сместен британскиот музеј во почетокот, е исто така еден од бројните проекти на Хук.
Хук постигнал многу и на полето на астрономијата. Тој бил меѓу првите што го конструирале рефлекторскиот телескоп, на кој му дал име по шкотскиот математичар и астроном Џејмс Грегори. Хук забележал и дека планетата Јупитер се врти околу својата оска, а неговите цртежи на Марс биле користени два века подоцна за да се одреди со која брзина ротира оваа планета.
Во 1687 година, Исак Њутн ја издал книгата Математичките принципи на филозофијата на природата (Philosophiae Naturalis Principia Mathematica). Издадено 22 години по Micrographia на Хук, ова дело на Њутн содржело објаснување на законите за движењето, како и на законот за гравитација. Но, Ален Чепмен вели дека Хук бил тој што „развил многу од компонентите на теоријата за гравитација уште пред Њутн“. Освен тоа, трудот на Хук го поттикнал Њутн да ја истражува и природата на светлината.
За жал, несогласувањата во врска со оптиката и гравитацијата го расипале односот меѓу нив двајца. Њутн дури ги отстранил осврнувањата на Хук од својата книга Математички принципи. Според еден извор, Њутн се обидел и да го избрише од записите придонесот што Хук го дал за науката. Освен тоа, инструментите на Хук — многу од нив рачно изработени — како и голем број од неговите списи и неговиот единствен автентичен портрет исчезнале наскоро откако Њутн станал претседател на Кралското друштво. Како резултат на ова, славата на Хук потонала во мрак во текот на повеќе од два века.
Иронично е тоа што, токму во едно свое писмо до Хук, со датум од 5 февруари 1675 година, Њутн ги напишал своите прочуени зборови: „Ако сум успеал да гледам подалеку од  другите, тоа е затоа што сум стоел на рамењата на великани“. Како архитект, астроном, научник што правел разни експерименти, проектант и пронаоѓач, Роберт Хук навистина бил великан на своето време.

Нема коментара:

Постави коментар